[Прес соопштение] Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Инсти-тутот за демократија Социетас цивилис (ИДСЦС) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) денес претстави интегрирана платформа за набљудување на изборите - www.mojotizbor.mk
Мојот избор 2011, преку сеопфатно содржинско набљудување на изборната понуда и следење на демократичноста на изборниот процес треба да придонесе кон фер и демократски избори на 5 јуни, со квалитетен избор на пратеници во Собранието.
Партнерите во Мојот избор 2011, секој со својата стручност, ќе придонесат во зајакнување на постоечките домашни механизми и воведување нови елементи и активности во процесот за овозможување на целта - граѓаните информирани, вклучени и активни во сите аспекти на изборите.
Тоа ќе вклучува: следење и анализа на изборната понуда на партиите (програми, кандидати, кампања); квалитативно набљудување на известувањето во медиумите; следење на изборниот процес (изборните органи и денот на изборите);интернет набљудување.
Мојот избор 2011 е информиран избор – сите партии и програми на едно место. На граѓаните ќе им бидат понудени споредбени прегледи на изборните програми и содржински анализи на делови од програмите. Ќе се следат теми од пошироко општествено значење како: невработеност, сиромаштија, корупција, добро владеење, граѓански и социјален дијалог, мултикултурно општество, евро-интеграции и сл.
Мојот избор 2011 е информиран избор – сите кандидати на едно место, во прегледи по партии и по изборни единици, како и со биографии.
Квалитативно набљудување на известувањето во медиумите, ќе вклучи три кратки и еден завршен извештај за известувањето на клучните национални медиуми.
Новина е веб-страницата Мојот избор 2011 која ќе ги понуди сите информации за изборите на едно место: изборните програми на партиите, листите на кандидати, изборните единици, општини и избирачки места, следењето на објавите во медиумите и рејтинзите на политичките партии.
Мојот избор 2011 е фер избор – фер и демократски избори се одговорност на секој граѓанин. Веб страницата има интерактивен пристап и овозможува пријавување на изборни неправилности, со што ќе се овозможи секој граѓанин да придонесе кон подобрување на изборниот процес со брза информација - www.mojotizbor.mk/prijavi
И конечно, во соработка со веб-порталот ДејлиМК, ќе се следат сите интернет објави поврзани со изборите и ќе се креираат дневни статистики по сите основи на следење - www.daily.mk/izbori