Прв неделен пресек: Изборите во медиумите

statsКако дел од проектот Мојот избор на МЦМС и ИДСЦС, а во соработка со порталот Daily.mk една од активностите е и следење на објавите во електронските медиуми преку интернет.

Објавите се следат во пет категории: политички партии, општини (вкл. и градот Скопје), кандидати за градоначалници, теми релевантни за локалниот развој (согласно со законските надлежности на општините) и медиуми кои се следат.

Објавите се следат и анализираат на дневно ниво, со графички прикази за секој ден од кампањата и кумулативно, а до крајот на изборниот процес ќе се публикуваат и три неделни пресеци. Во продолжение е првиот од нив кој се однесува на периодот 04-10 март 2013 година.

nedela1 partii

Во објавите каде што се споменуваат партиите, во првата недела од кампањата доминираат ВМРО-ДПМНЕ (46%) и СДСМ (33%), како најголеми парламентарни партии, но можеби и се уште под влијание на политичката криза која се разреши  непосредно пред почетокот на кампањата (04.03) а во која тие две партии беа главни актери. Следат двете најголеми партии од блокот на етничките Албанци – ДУИ (8%) и ДПА (5%). Сите други партии се споменуваат во помалку од 2% од артиклите објавени по било која основа на интернет.

nedela1 opstini

Втората категорија – општините е доста поизбалансирана, претставено и преку тоа што повеќе од половината (54%) се објави за сите други општини надвор од најзастапените 7. Тука делумн се издвојува градот Скопје (14%), а со застапеност од 3 до 7% следат општините: Карпош, Центар, Охрид, Струмица, Струга и Кичево, што веројатно укажува на тоа каде ќе е најнеизвесен исход, односно два или повеќе кандидати влегуваат со слични шанси. 

nedela1 kandidati

Со оглед на тоа што се работи за локални избори, кандидатите за градоначалници се во голема мера застапени во вестите. И покрај доцната одлука за учество на изборите, неколку од кандидатите на СДСМ се меѓу најзастапените во објавите: Андреј Петров (10%), Зоран Заев, Јани Макрадули и Александар Петрески (по 5% сите). Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски и Јагнула Куновска се во првата тројка според објавите со 9, односно 6%. Листата на најчесто споменувани кандидати ја заокружува Стевчо Јакимовски (6%), а фактот што три од четирите најзастапени кандидати во вестите се кандидирани во општина Карпош, укажува дека исходот во таа општина се следи со најголем интерес.

nedela1 temi

Во однос на темите кои доминираат, водечки се оние за комуналната инфраструктура (патишта, водоводи, канализација,...) со 23%, а очигледно често употребувани фрази се транспарентност и отчетност, кои се споменуваат во 22% од објавите.

nedela1 mediumi

Конечно, прикажани се и медиумите кои се следат за да се добие сликата со објавите во горните четири графици. Со 10% застапеност во објавите, најактивен е порталот А1ОН, следен од Сител (8%) и Плус инфо и Курир со по 7%. И тука (како кај оштините) се отсликува шареноликоста на медиумскиот простор со тоа што повеќе од половината од објавите се во медиуми надвор од водечките 7.

Дневна статистика за медиуми

Pin It