На 12.03.2020 година на полноќ истече рокот за поднесување на кандидатските листи за парламентарните избори кој ќе се одржат на 12.04.2020.
Листи за пратеници поднеле ВМРО - ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ВМРО-НП, ДПА, Националнатa демократска преродба (НДП), ГРОМ, Коалицијата „Достоинство за Македонија“, Алијанса за позитивна Македонија, Партијата за европска иднина, Народното движење за Македонија, ПДП и Партијата за економски промени 21 и СДПМ.
По поднесувањето на кандидатските листи ДИК проверува дали тие се доставени во предвидениот рок и дали се составени согласно Изборниот законик. Кандидатските листи што ќе бидат доставени по рокот ќе бидат отфрлени.
ДИК исто така проверува дали предложените кандидати ги исполнуваат условите пропишани во Уставот и во член 7 став 2, 3 и 4 од Изборниот законик, преку соодветните регистри и евиденции на надлежните институции. Овие институции се должни во рок од 24 часа електронски до ДИК да ги достават бараните податоци за кандидатите. Ова е новина за Комисијата, која се воведе со последните измени на Изборниот законик.
Доколку се констатира дека листите се во согласност со одредбите од Изборниот законик, тие се потврдуваат најдоцна 48 часа од приемот на бараната документација од институциите.
ДИК има пропишано и рокови за отстранување на евентуални неправилности или замена на кандидати доколку тоа е потребно. Листите што ќе бидат поднесени по рокот ќе бидат отфрлени.
Редоследот на листите на партиите и коалициите на избирачкото ливче се утврдува со ждрепка и тој број е ист во сите изборни единици. Жрепката треба да се одржи најдоцна до 20 март, а листите треба да бидат официјално објавени на 21 март.
Изборната кампања започнува на 23 март, а завршува на 10 април на полноќ.