За нас

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) заедно со Институтот за демократија Социетас Цивилис (ИДСЦС) започна проект Платформа за интегрирано набљудување на изборите. Целта на проектот е да се придонесе за фер и демократски избори, преку поддршка на професионалната и транспарентна работа на изборните органи, зајакнато професионално и етичко известување за изборите во медиумите и промоција на конструктивен демократски дискурс за време на кампањата и самиот изборен ден.

Проектот ќе вклучува активности за анализа на изборните програми и листите на кандидати, набљудување на известувањето на медиумите, набљудување на работата на изборните органи, изборната кампања и самиот ден на избори, како и дебати на одредени теми. како: социјална кохезија, вработување, локален и рурален развој, граѓанско општество, ЕУ интеграции.

 

ПАРТНЕРИ

 

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) е граѓанска организација основана во 1993 г. Визијата на МЦМС е мир, хармонија и просперитет на луѓето во Македонија, на Балканот и глобално. МЦМС за остварување на својата визија и цели соработува со граѓански организации и другите чинители во општеството. За ефективно влијание врз јавните политики, МЦМС работи на истражувања и анализи за да ги базира своите акции на факти и промовира аргументирани расправи.

 

Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје (ИДСЦС) е граѓанска, организација основана во 1999 г. Целите на Институтот се да работи на подобрувањето на демократските процеси во Македонија и на развојот на политичката култура на граѓаните. ИДСЦС работи на истражување и анализа на македонското општество и ситуацијата во регионот, како и на јавната промоција и лобирањето на мислења и препораки кои се формулираат на основа на овие истражувачки резултати. Во својата работа ИДСЦС соработува со експерти, граѓански организации и институции во потрага по оптимални решенија на различни социјални и политички промени.