Daily.mk
FacebookTwitter

Вкупен пресек на известувањето на медиумите за локалните избори 2013

Следењето на известувањето на медиумите на теми поврзани со Локалните избори 2013 е дел од проектот Мојот избор на МЦМС и ИДСЦС. Агрегирањето на информациите презентирани во него се прави во соработка со порталот Daily.mk. Презентираните податоци се собрани од 62 медиуми кои имаат свои он-лине изданија.

Темите се поделени во пет категории: политички партии, општини (вкл. и градот Скопје), кандидати за градоначалници, теми релевантни за локалниот развој (согласно со законските надлежности на општините) и медиуми.

Објавите се следат и анализираат на дневно ниво, со графички прикази за секој ден од кампањата. Досега беа направени три неделни пресеци на известувањето, а ова е вкупниот пресек на објавите за локалните избори 2013 кој се однесува на периодот 4-24 март 2013 година.

kumulativen-partii

Кај објавите во кои се спомнуваат политичките партии во овие три недели имаше благи варирања. Најмногу застапена во медиумите е ВМРО-ДПМНЕ со 42% од вкупните објави поврзани со локалните избори 2013. ВМРО-ДПМНЕ имаше највисока застапеност во првата недела од предизборната кампања, 46%, која потоа полека се намалуваше до 40% во третата недела. Втора најзастапена е СДСМ со 34%. Застапеноста на СДСМ во медиумите варираше за по 1 процентен поен од недела во недела. И кај ДУИ варирањата беа по еден процентен поен во неделните пресеци, вкупното присуство на крајот од следењето изнесува 8%. Нешто пониско е присуството на ДПА во медиумите и изнесува 5%, колку што било и во првата и во третата недела. За место во седумте најспоменувани се изборија и Достоинство ВМРО-НП со по 2% и НДП со 1%. Достоинство и ВМРО-НП воопшто не се појавија во првите седум во првата недела, а втората ја немаше ни во вториот неделен пресек. Што се однесува до НДП, таа имаше по 2% во првиот и во вториот неделен пресек, а изостана во третиот. На останатите политички партии им останаа 6% од медиумскиот простор.

kumulativen-opshtini

Кај општините, процентот на известување за седумте најчесто спомнувани изнесува 46%, колку што беше и во првата недела. Потоа во втората се зголеми на 49%, а во третата опадна на 44%. Најмногу се известувало за Скопје 13%, потоа за Центар (9%), Карпош (7%) и за Охрид (5%). Процентуално исто се известувало за Битола, Струмица и Кичево, по 2%. Надвор од Центар и Карпош, ниту една од другите скопски општини никогаш на стигна до седумте општини најинтересни за медиумите. Четири (Центар, Карпош, Струмица и Кичево) од седумте општини и градот Скопје беа константа во сите три неделни пресеци. Интересот на медиумите повремено ги воведуваше во оваа седумка и општините Куманово и Струга.

kumulativen-kandidati

Најспоменуваните седум кандидати за градоначалници имаат 34% од медиумскиот простор посветен на локалните избори 2013. Во првиот неделен пресек, седум кандидати за градоначалници имаа дури 45% од просторот. Потоа овој процент се намалуваше во корист на другите кандидати и во третата недела стигна до 32%. Просечно најмногу интерес имало за Андреј Петров и за Коце Трајановски, по 7%, а втората група ја сочинуваат кандидати со по 4% и тоа, Јани Макрадули, Јагнула Куновска, Зоран Заев, Владимир Тодоровиќ и Стевчо Јакимовски. Интересот за кандидатите приближно го следи интересот за општините. По таа логика, Карпош имаше најинтересни кандидати, тројца од нив се најдоа на листата од седум најчесто споменувани во медиумите. Од оваа листа, пет остануваат во игра и во вториот круг од изборите.

kumulativen-temi

Комунални дејности (25%), транспарентност и отчетност (20%) и спорт и рекреација (15%) во трите недели беа неприкосновената тројка на врвот на листата теми што ги следеа медиумите во врска со локалните избори 2013. И културата (7%) и локалниот економски развој (5%) беа константа на листата седум најинтересни теми. Образованието (6%) се појави во втората недела и варираше меѓу 5% и 7%, а ИКТ варираше меѓу 8% и 6%, во првата и третата недела. На листата повремено се појавуваа и социјална и детска заштита и урбанистичко планирање.

kumulativen-mediumi

На крај, може да се види кои од медиумите најчесто известувале за темите поврзани со локалните избори. Уделот на седум медиумите во известувањето за локалните избори 2013 варирал од 48% до 54%. А1ОН е секогаш врвот на листата (11%), а варијациите во трите недели се по 1 процентен поен. Плус инфо (9%) и Сител (8%) повремено си ги менуваат позициите на листата, но секако се во првите три медиуми кои најмногу известуваат за локалните избори 2013. Курир (7%) секогаш е на четвртото место на листата, а потоа следуваат Скај МК (6%), Максим и Бриф со по 5%. На листата од седум медиуми кои најмногу известувале за локалните избори во првата недела беше и Нет прес.